Арда Гулер, во 2023 година во трансфер вреден 20 милиони евра од Фенербахче се пресели во Реал Мадрид. Клубот тогаш го најави како наследник на Лука Модриќ.
Факт е дека талентираниот 19-годишник не добива шанса во тимот кој ја освои Лигата на шампионите и шпанското првенство. Тренерот Карло Анчелоти тоа го објасни со силната конкуренција во составот.
Германски „Билд“ пишува за Гулер во текст со наслов „Беше главна тема во Реал Мадрид – сега донесе одлука“ и наведува: „Иднината на напаѓачкиот скапоцен камен Арда Гулер останува неизвесна. Причината? Турскиот интернационалец во моментов не добива шанса во „кралскиот клуб“, што го предизвикува неговото незадоволство“.
Како што неодамна објавија шпанските медиуми, Гулер е фрустриран од својата ситуација во Реал. Тој сака да замине доколку не се промени неговата улога како резерва, особено ако Карло Анчелоти остане тренер и наредната сезона.
Претходниот план беше Гулер да замине на позајмица по крајот на сезоната за да ја врати потребната минутажа. Но, се чини дека младиот играч има поинаков план.
„Релево“, пишува дека Гулер сака да го напушти Реал Мадрид, но не на позајмица, туку трајно. Фудбалерот не сакал „уште една ваква сезона“, истакнува шпанскиот медиум.
„Гулер и Анчелоти – ова веќе не функционира“, додава „Релево“, потсетувајќи на изјавата на Анчелоти за турскиот репрезентативец:
„Потребно му е време да се прилагоди на најдобриот тим во светот бидејќи тука играчите се на многу, многу високо ниво. Конкуренцијата е огромна. Мислам дека сите го разбираат тоа. И кој не разбира, мора да разбере“.
„Стручниот штаб на Реалнаводно не е задоволен од она што го прикажува Гулер на тренинзите. Тие исто така го критикуваа за грешки во одлучувањето, неговото однесување под притисок и тактичка дисциплина за време на неговите неодамнешни настапи“, додава „Билд“.
„Мундо Депортиво“ пишува дека за турскиот фудбалер интерес покажале англиски, италијански и германски клубови. „Тој претходно не сакаше да разгледува други понуди клубови, но тоа сега е целосно променето“, смета „Билд“.
Според „Трансфермаркт“, Гулер вреди 45 милиони евра.