Претераната комерцијализација на фудбалот му пречи на поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, Не е задоволен што се зголеми бројката на учесници на следниот Мундијал. На СП во 2026 година ќе учествуваат 48 репрезентации.
Блатер во интервју за германскиот неделник Цајт ги критикуваше и плановите на актуелниот прв човек на ФИФА, Џани Инфантино за промена на форматот на следното Светско првенство и Светското клупско првенство.
„Има обиди да се исцеди се повеќе од лимонот, на пример Светското првенство со 48 екипи или сега Светското клупско првенство, кое мора да се гледа како директна конкуренција на Лигата на шампионите“, рече Блатер.
„ФИФА тука се меша во нешто што навистина не ја засега, а тоа е клупскиот фудбал“, додаде Блатер.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, а на него за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации.
Агенцијата АП потсетува дека на овој начин ќе се исполни предизборното ветување на Инфантино за поголемо и поопфатно СП, во кое ќе учествуваат и други тимови кои не се од Европа и Јужна Америка. На неодамнешното СП во Катар учествуваа 32 репрезентации.
Минатата недела Инфантино најави промена на форматот на Светското клупско првенство кое започнува во 2025 година, а во кое треба да учествуваат 32 клуба.
Блатер се повлече од функцијата во јуни 2015 година поради корупциски скандали во ФИФА. Тој нагласи дека „нема врска со Инфантино“.
Инфантино со мене комуницира само преку адвокат“, изјави Блатер.