Звонимир Бобан пред пет месеци доби отказ од местото на спортски директор во Милан по интервју во „Ла газета дело спорт“ во кое отворено го критикуваше генералниот директор Иван Газидис за отварањето на преговори со Ралф Рангник без да го информираат него и Паоло Малдини, но сега вели дека повторно би го направил истото за својот клуб и е презадоволен што Стефано Пиоли останува тренер на тимот.
Клубот му даде отказ, се закани со судски случај, но на крајот Бобан беше во право, откак преговорите со Рангник беа прекинати на крајот на јули, а Пиоли доби нов договор.
„Стефано е прекрасна личност и добар тренер. Зборувавме откако го потпиша договорот и среќен сум за него. Задоволен сум бидејќи заврши добра работа, а тој беше наш избор во тешки моменти. Паоло Малдини? Тој треба да остане поради илјада причини во тимот, но на прво место бидејќи се покажа како многу добар директор. Немавме многу време да работиме заедно, но тоа е животот. Навистина уживав кога го гледав Милан, и како навивач сонувам да го видам клубот во природно опкружување меѓу најдобрите во Европа. Треба добро да се инвестира, но мислам дека темелите се тука“, вели Хрватот во ново интервју за „Газета“.
Бидејќи неговите „прогнози“ беа точни и беа поддржани од газдите на Милан, Елиот менаџмент, дали Бобан жали?
„Апсолутно не, би го направил повторно истото. Не би можел да се погледнам во огледало да не беше така. Лично, среќен сум со одлуките кои беа направени тогаш и за кои добивав критики. Сега сите гледаат дека нашите избори не беа залудни. Многумина немаат доволно трпение или не разбираат дека за фудбалот е потребно време. Се надевам дека тие кои се во Милан ќе добијат време да го покажат тоа“, додава Бобан.