Фудбалскиот свет се уште е во чудо, по сензацијата што ја приреди Шериф со победата во Мадрид, над реал, во Лигата на шампионите. Молдавците славеа со проектилот на Себастиен Тил во 90.минута.
Дел од историскиот успех на Шериф беше и македонскиот репрезентативец Бобан Николов. Тој зачекори на тревата на „Сантијаго Бернабеу“, во финишот на натпреварот.
„Без лажна скромност, ова е најголемото изненадување во историјата на Лигата на шампионте. Имав среќа во финишот да зачекорам на тревата на „Сантијаго Бернабеу“. Кога бев дете навивав за Реал, започнав да играм фудбал поради Зидан и останатите галактикоси. Плачев кога ќе загубеа натпревар. Кога ќе одиграте еден ваков натпревар, тогаш знаете дека се успеале во фудбалот“, рекол Николов во интервју за „Моцарт спорт“.
Шериф на патот до фазата по групи ги елиминираше регионалните великани Црвена звезда.
„Можам да ви раскажам како се подготвуваме за Реал…Вообичаено екипите од Истокот немаат големи амбиции кога играат против фаворитите. Ние не влеговме во натпреварот за да изгубиме со што е можно помала разлика. Бевме посветени. Го анализиравме Реал од сите можни агли. Три дена, по еден час, имавме видео презентации на нивната игра. Знаевме како можеме да им се спротивставиме. Тренерот ни кажа дека мораме да покажеме респект, но дека не смееме да се исплашиме. Навистина верувавме“.