Звонимир Бобан најверојатно ќе замине од Милан на крајот на сезоната, а по него може да замине и Паоло Малдини, тврди „Ла газета дело спорт“, што би значело целосен „колапс“ на враќањето на двете легенди кај „росонерите“.
Пред неколку дена Бобан ги критикуваше првите луѓе на тимот, обвинувајќи ги сопствениците „Елиот менаџмент“ дека им работат зад грб во изборот на тренер за следната сезона. „Каменот“ на сопнување е германскиот стручњак Ралф Рангник, кој во моментов е одговорен за спорт и развој во Ред бул, и наводно газдите сакаат тој да добие улога на класичен англиски менаџер од следната сезона, кој би ги избирал и фудбалерите кои би пристигнале на „Сан Сиро“.
Според „Газета“, „Елиот“ не се консултирале со Бобан, Малдини и Рики Масара за оваа одлука, по што настанал конфликт со генералниот директор Иван Газидис, по кој двете легенди би заминале на крајот на сезоната.
„Елиот“ станаа газди на клубот летото 2018 година откако го преземаа клубот од Кинезот Ли Јонгхонг, кој не успеа да го врати долгот од 300 милиони евра од американската компанија.