Иако поради него се случија промени во Милан и си замина Звонимир Бобан, германскиот стручњак Ралф Рангник ги одбил сите понуди од италијанскиот клуб за да стане нивни нов тренер и спортски директор.
Хрватот Бобан претходно изјави дека извршниот директор на клубот Иван Газидис контактирал со Рангник да го донесе на „Сан Сиро“ на местото на Стефано Пиоли и дека го правел тоа тајно, што беше една од причините за неговото заминување.
Претседателот на клубот, Паоло Скарони засега потврди дека имало само „прелиминарни“ преговори, меѓутоа „Скај спорт Дојчланд“ тврди дека Рангник, кој е на чело на развојната академија на Ред бул и на РБ Лајпциг, едноставно ги одбил понудите. Причината за ова е загриженоста за Финансискиот ферплеј на УЕФА, поради кој Милан се повлече од Лига Европа оваа сезона, но и тоа што тој бара неограничен буџет за трансфери и целосна слобода околу трансфер политиката.
Пиоли, пак, неодамна изјави дека ќе продолжи да го дава максимумот за клубот „додека е на таа работа“, по што италијанските медиуми шпекулираат дека неговата судбина е веќе одлучена.