Леонардо Бонучи признава дека имал понуда за трансфер во Манчестер јунајтед, но додава дека му кажал не на Жозе Мурињо за да се врати во Јувентус по една сезона во Милан.
Трансферот на Бонучи во Милан ги налути фановите на „бјанконерите“, но 31-годишниот ветеран веднаш се врати „дома“ во Торино по една сезона во Милано по што полека ги придоби навивачите на клубот. Тој сега признава дека имал опција да се „обиде“ во Премиер лигата, каде што Мурињо сметал дека тој е решение за одбраната на Јунајтед.
„Во основа имаше некои можности со Манчестер сити и со Манчестер јунајтед. Од Сити добив понуда во 2016 и разговарав со клубот, но останав во Јуве. Оваа година повторно имаше шанса да се вратам во Јувентус, така што не ги слушнав другите понуди“, вели Бонучи за „Дејли телеграф“.
Запрашан дали имало понуда од Јунајтед, тој одговори „да“.
„Сега нема шанси. Се чувствувам дома во Јувентус и тука го давам максимумот, нешто што не успевав во Милан. Срцето ми е на место“, вели Бонучи.
Фото: ЕПА