Алесандро Лучи, агентот на капитенот на Јувентус, Леонардо Бонучи потврди дека 36-годишниот централен дефанзивец сака да остане во Торино, но дека ако има прифатлива понуда ќе замине.
Клубот му соопшти на Бонучи дека веќе не го сметаат за дел од проектот под Масимилијано Алегри и тој не замина со клубот на американската турнеја. Ветеранот има уште една година од договорот со клубот и е еден од најплатените во составот, така што Јуве ќе прифати понуда за трансфер.
„Слушнавме многу шпекулации, но вистината е едноставна. Леонардо сака да остане во Јувентус, каде што до пред некој месец беше капитен и сака да си направи место во тимот. Се работи за фубалер од светска класа, капитен на ‘аѕурите’ и лидер на Јувентус. Ако пазарот дозволи понуда на негово ниво, тогаш ќе размислиме“, вели Лучи.