Борусија Дортмунд и Челси вечерва се среќаваат во историска прва пресметка на „Сигнал Идуна Парк“ во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите. „Жолто-црните“ стигнаа до нокаут фазата откако завршија на второто место во групата Г, која ја освои Манчестер Сити, додека Челси заврши како првопласиран во групата Е, во која беа уште и Милан, Салцбург и Динамо Загреб.
Германскиот тим доаѓа во оваа пресметка во одлична форма, откако забележа серија од шест последователни победи во сите натпреварувања по паузата за Светското првенство.
Последниот успех во таа серија беше победата од 2:0 против Вердер во саботата.
Избраниците на Един Терзиќ сѐ уште веруваат дека можат да ја освојат титулата во Бундеслигата оваа сезона. Борусија моментно е на третата позиција на табелата, со само три бода помалку од лидерот Баерн Минхен.
„Сигнал Идуна Парк“ беше вистинско упориште за Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите, каде што тимот загуби само четири од претходните 21 натпревар. Сепак, три од тие порази беа против англиски тимови. Борусија всушност е без победа во последните 10 натпревари против англиски ривали.
Челси, и покрај огромните инвестиции во последните два преодни рока, продолжува со неисполнување на очекувањата и желбите на раководството и на фановите. Тимот на Грем Потер победи само на три од нивните претходни 14 натпревари во сите натпреварувања и има само една победа од осумте средби од почетокот на 2023 година.