Германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд можеби решавачкиот меч за пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите сезонава ќе го игра без три големи фудбалски ѕвезди. Информациите од Германија се дека на утрешниот дуел во Лисабон против Спортинг „милионерите“ ќе бидат без Ерлинг Халанд, Матс Хумелс и Торган Азар.
Белгиецот отпадна откако вчера Ковид тестот покажа дека тој е позитивен на вирусот. Норвежанецот Халанд подолг период влече повреда, додека дефанзивецот Хумелс е суспендиран поради црвениот картон со Ајакс минатото коло.
„Офанзивниот играч од средниот ред Торган Азар е позитивен на коронавирусот. Играчот немаше никаков контакт со останатите играчи и веднаш отиде во изолација. Сите членови на првиот тим, како и помошниот персонал 100% се вакцинирани или го прележаа вирусот“ порачаа од клубот.
Посебно ќе се поувствува отсуството на Халанд кој сезонава во Бундеслигата на само 6 меча постигна 9 гола. Се очекува тој да е во составот за дуелот против шампионот Баерн Минхен на 4. декември.
На две кола пред крајот на групната фаза во ЛШ, Ајакс го осигура пласманот во осминафиналето во групата Ц, а Борусија (Д) и Спортинг (Л) имаат по 6 бодови.