Каи Хаверц веќе нема да тренира со Баер Леверкузен потврдува тренерот на тимот, Петер Бос, откако англиските медиуми објавија дека е комплетиран трансферот во Челси тежок фантастични 80 милиони евра.
Се верува дека 21-годишниот Хаверц ќе потпише петгодишен договор, а покрај сумата од 80 милиони евра, има уште 20 милиони евра во бонуси. Бос вели дека договорот е направен.
„Не очекувам Каи Хаверц и Кевин Воланд (кој ќе замине во Монако) да тренираат со нас. Има клубови и луѓе, како Роман Абрамович во овој случај, кои се способни и ќе го платат потребното. Пресметаа добро и Каи не е единствениот фудбалер кој оди во Челси ова лето“, вели Бос.
Хаверц во Челси му се приклучува на сонародникот Тимо Вернер, Мароканецот Хаким Зијеш и Англичанецот Бен Чилвел и Бразилецот Тијаго Силва, откако Абрамович го „одврза кесето“ по забраната за трансфери на ФИФА. Засега, Челси потроши околу 300 милиони долари оваа година.