Ботафого одлучи да не му дозволи на Фламенго да го користи нивниот стадион, налутени од гестот на напаѓачот Винисиус Жуниор, кој голот против Ботафого го прослави глумејќи плачење.
Во мечот од шампионатот на Рио де Жанеиро во саботата навечер, Фламенго победи со 3:1 благодарение на одличниот гол на 17-годишниот Винисиус, кој веќе е нов играч на Реал Мадрид (за 45 милиони евра).
Гестот со плачење честопати го користат навивачите на Фламенго за да ги налутат ривалите од Ботафого, откако во 2008 година по пораз во дербито целиот тим на Ботафого јавно плачеше на телевизија жалејќи се на судиските одлуки.
Сега, Ботафого решија да не дозволат Фламенго да го користи нивниот „Нилтон Сантос“ стадион за дуелот против Боависта во недела во финалето на Гуанабара купот. Мечот прво требаше да се игра на „Маракана“, но таму има закажано концерт.
„Одлуката беше донесена по нивната прослава на голот, со што покажаа дека не ја почитуваат институцијата Ботафого“, објавија од клубот.