Браќата Ињаки и Нико Вилијамс, родени во Шпанија, ја прифатиле понудата во иднина да играат за Гана, земјата од која потекнуваат нивните родители. Гана веќе го започнала процесот на промена на фудбалското државјанство.
Ињаки, еднаш настапил на Шпанија во пријателски натпревар, додека Нико има неколку настапи за селекциите до 18 и до 21 година. Ињаки минатата година изјави дека не е подготвен да игра за Гана.
„Моите родители се од Акра и навистина уживам кога доаѓам во Гана. Но, јас не сум роден или израснат таму, мојата култура е тука во Шпанија, а има играчи за кои репрезентацијата значи многу повеќе“, рече тогаш Ињаки.
Сепак, од оваа изјава многу работи се променија, вклучувајќи го и фактот дека „црните ѕвезди“ се пласираа на СП 2022.
Ињаки и Нико имаат поголеми шанси да играат за Гана во Катар отколку за Шпанија.
Ињаки (27) е легенда на Атлетик Билбао, тој е рекордер на шпанскиот фудбал по бројот на одиграни последователни натпревари – 228, не пропуштил ниту еден натпревар во последните шест години.
Нико (19) минатата година дебитираше за првиот тим, а сезонава забележа 30 настапи во Ла Лига.
Гана е во Х-групата на Светското првенство што ќе се одржи во ноември годинава, со Португалија, Уругвај и Јужна Кореја.