Top Sport

Бразил рутински против Србија, Швајцарија и со реми во осминафинале

Бразил со 2:0 ја совлада репрезентацијата на Србија и ги заврши нивните надежи дека со подвиг можат да влезат во осминафиналето, каде што ќе се Швајцарците како второпласирани по тешкото реми од 2:2 со „отпишаната“, но мотивирана Костарика.

Со овој резултат, Бразил ќе игра во осминафиналето со Мексико, додека Швајцарците ги очекува тежок европски дуел со Шведска.

Србите почнаа со напади од првата минута знаејќи дека мора да одат на победа, но први во шанса беа Бразилците во 4. минута, кога Нејмар го пронајде Габриел Жесус, кој директно шутираше во Стојковиќ.

Бразил доби удар во 9. минута, кога Марсело, еден од најдобрите леви бекови на светот се повреди и на негово место влезе Филипе Луис.

Србија беше оштетена во 16. минута, кога Миранда го удри Митровиќ во шестнаесетникот, но судијата не досуди ништо. Бразил имаше голема шанса во 25. минута, кога Нејмар и Габриел Жесус имаа одлична двојна акција, но ударот на Нејмар завршува во рацете на Стојковиќ. Во 29. минута, „селесао“ повторно во добра позиција, кога Габриел Жесус влезе во петерецот, но Миленковиќ добро интервенираше.

Во 36. минута по низата шанси за Бразил, Филипе Кутињо повторно покажа колку вреди на теренот, кога совршено го пронајде Паулињо, кој го „префрли“ Стојковиќ за прекрасен гол. До крајот на полувремето, Бразил уште двапати имаше шанси, преку Нејмар и Паулињо.

Србија имаше огромна шанса во 53. минута, кога Љаиќ тргна во контра и одигра двојно со Митровиќ, но Касемиро интервенираше.

Србија „притисна“ и почесто се наоѓаше во гол-шанса. Во 61. минута, Тадиќ ја уфрла топката во шестнаесетник, Алисон интервенира, но Митровиќ со глава го погодува Тијаго Силва во нозе. Тадиќ повторно го пронаоѓа Митровиќ во 65. минута, но напаѓачот шутира директно во рацете на Алисон.

По пропуштените шанси, следуваше казната. Нејмар изведува корнер во 68. минута, а Тијаго Силва е највисок во скокот и Бразил води со 2:0.

Костарика покажа дека не „залутала“ на Мундијалот, откако успеа да извлече 2:2 реми против Швајцарците. Тимот од Централна Америка „притисна“ на стартот на мечот без оптоварување од резултатот и имаше две добри шанси во првите десетина минути.

Швајцарија прва дојде во водство во 31. минута, кога по нафрлањето на Шаќири, Џемали ја „кова“ топката во голот за 1:0.  Костарика се враќа со гол во 56. минута преку Вастон, кој постигнува гол по нафрлањето од корнер на Кемпбел.

По ова следуваше драматична завршница на мечот. Прво во 88. минута, Јосип Дрмиќ носи водство за Швајцарија, пред Брајан Руиз со гол од пенал во 93. минута да го постави конечниот резултат.

Scroll to Top