Бразил по деветти пат стана шампион на Копа Америка, откако на преполната „Маракана“ со 3:1 го совлада Перу во меч одбележан со чудниот троен успех на несомнено најдобриот фудбалер на „селесао“ на шампионатот, Габриел Жесус, кој имаше гол, асистенција, но и црвен картон.
За Бразил ова е прва титула на Копа Америка од 2007 година и деветта во историјата, со што остануваат трета најуспешна репрезентација на континенталното натпреварување зад Уругвај (15 титули) и Аргентина (14 титули). Перу одеше на трета титула од Копа Америка и прва од далечната 1975 година.
Бразилците бргу стигнаа до водство откако во 15. минута, Габриел Жесус одлично го пронајде напаѓачот на Гремио, Евертон за лесно водство. По повеќе пропуштени шанси на „селесао“, ,Перуанците добија шанса да се вратат во игра во 44. минута, кога беше досуден пенал за играње со рака во шестнаесетникот, а капитенот Паоло Гереро го совлада Алисон Бекер за прв гол кој го примиле Бразилците на шампионатот.
Сепак, напаѓачот на Манчестер сити, Жесус врати пред финишот на полувремето, со убав гол, негов трет на шампионатот. Но, за малку, наместо херој тој ќе беше трагичар, кога по еден воздушен удар го искористи лактот и во 70. минута доби втор жолт картон и ги остави соиграчите со играч помалку.
Печат на победата стави Ришарлисон, со уште еден гол од белата точка во 88. минута за да почне прославата на „Маракана“.