Министерството за спорт на државата Рио де Жанеиро испратило покана до аргентинскиот фудбалер Лионел Меси да дојде на стадионот „Маракана“ и да остави отисок од стапалото на патот на познатите фудбалери.
„Меси веќе ја покажа сета своја важност на и надвор од теренот. Тој е играч кој со години игра на највисоко фудбалско ниво. Освојувањето на Светското првенство е само кулминација на една прекрасна и триумфална кариера. Единствено правилно е Маракана да му оддаде почит. На крајот, Меси е сепак фудбалски гениј“, изјави секретарот на Министерството за спорт на државата Рио де Жанеиро, Адриао Сантос.
Доколку ја прифати поканата, Меси ќе биде првиот Аргентинец и третиот странец кој ќе остави стапала на стадионот Маракана. Од фудбалерите кои не се Бразилци, отисок од своите стапала на славниот стадион оставиле Уругваецот Алцидес Гиџија и Германецот Франц Бекенбауер.