Британскиот совет на полициски шефови (НПЦЦ) и Полицискиот колеџ се извинија на преживеаните и на семејствата на жртвите на трагедијата на стадионот „Хилсборо“ од 1989 година, во која 97 навивачи на Ливерпул ги загубија своите животи.
Мечот од полуфиналето на ФА купот во 1989 останува најтрагичанта британска спортска несреќа, откако на стадионот беа пуштени премногу навивачи, по што дојде до гмечење на 97 навивачи. Полицијата веднаш по инцидентот ги обвини алкохолизираните фудбалски навивачи, но подоцнежната истрага јасно покажа дека гледачите не направиле никаков прекршок, а долго траеше кампањата за барање на извинување од полицијата.
„Полициските активности целосно не успеаја во својата задача кон жртвите на катастрофата на ‘Хилсборо’ и се извинуваме што згрешивме. Полициските грешки беа главната причина за трагедијата која влијае на семејствата до денешен ден. Кога беше потребно лидерство, се однесувавме кон жртвите без внимателност и одговорност“, изјави Енди Марш, генералниот директор на НПЦЦ.