Италијанска „La Gazzetta dello Sport“ објави вест дека играчот од средниот ред на Интер, Марсело Брозовиќ „влегува во последната година од договорот, па затоа бара зголемување на платата за да остане во клубот“.
Новиот стратег на „Нероазурите“ – Симоне Инзаги сака хрватскиот фудбалер да остане на „Џузепе Меца“, но неговата ситуација по тоа прашање е далеку од решена.
Евентуалното продолжување на договорот на Брозовиќ со Интер се очекува по завршувањето на ЕУРО 2020, но во клубот се исплашени дека тој ќе си замине од Интер по крајот на идната сезона како слободен играч.
Затоа сакаат да го продолжат неговиот договор.
Актуелната плата на Хрватот во Интер е 3,5 милиони евра по сезона, па сега откако тој му помогна на клубот да стигне до титулата по пауза од 11 години, бара покачување на платата, јавуваат доброупатени извори.
Неговите барања, според информациите, се поврзуваат со платата на турскиот фудбалер од средниот ред, Хакан Чалханоглу кој направи трансфер од Милан и во „сино-црниот“ дрес ќе зема годишна плата од 5 милиони евра.
Италијанските медиуми пишуваат дека Брозовиќ од Управата бара неговата годишна заработка да изнесува 6 милиони евра.
Доколку Интер и фудбалерот не постигнат договор, реално е да се очекува негова продажба.
Шпанските медиуми неодамна пишуваа дека Барселона е заинтересирана за неговите услуги.