Top Sport

Буфон: Јас бев ВАР системот во финалето на Светското првенство во 2006 година

Џанлуиџи Буфон, легенда на италијанскиот и светскиот фудбал ја претстави својата нова книга на настан во Торино и одговараше на прашања од новинарите, потсетувајќи се на подеми и падови од неговата кариера.

„Темата на книгата е дека да се биде голман е метафора за животот. Паѓаш, стануваш, паѓаш, повторно стануваш. Паѓањата се неизбежни, но важно е да се најде мотивација повторно да се стане“, рече Буфон.

Врвот на неговата кариера беше титулата светски шампион со Италија во 2006 година, освоена по изведувањето на пенали против Франција. Финалето на стадионот „Франција“ во Париз, ќе остане запаметено по потегот на Зинедин Зидан. Францускиот ас, за кого финалето беше последниот натпревар во националниот тим, со глава во градите го удри Марко Матераци.

Во ерата пред ВАР, Буфон го видел сето тоа во живо, веднаш се стрчал кон судијата да му каже што се случило, што го натерало четвртиот судија да го потврди исклучувањето.

„Во тој момент јас бев ВАР“, се насмеа Буфон. „Мојата реакција и трчањето кон местото на настанот беше клучно за судиите да разберат што се случило. Секако дека никогаш нема да го признаат тоа, но го погледнаа видеото на мониторите. Јас бев единствениот што видов сè во реално време.“

Буфон беше дел и од италијанската репрезентација која беше неславно елиминирана во групната фаза на Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка.

„Бев повреден, па се вратив во соблекувалната и ги најдов сите целосно скршени, со спуштени глави. Селекторот Липи дојде, беше смирен, но и дистанциран. Рече: „Луѓе, не е ваша вината, моја е, што како идиот решив да ве донесам овде.“ Признавам, отидов под туш за да можам да се смеам на мира.“

Scroll to Top