Минхенски Баерн е блиску до освојување на уште една титула во Бундеслигата, иако на почетокот на сезоната резултатите не беа на нивото на тимот. Сепак по отпуштањето на Карло Анчелоти, Баерн влезе во страшна серија на победи победувајќи на 13 од последните 14 натпревари.
Баерн во моментов има 18 бода повеќе од Баер Леверкузен и Лајпциг и може да се каже дека веќе во февруари обезбеди нова шампионската титула.
И додека навивачите на Баерн уживаат во супериорноста на нивните миленици, еден од најдобрите играчи во историјата на клубот Штефан Ефенберг (49) смета дека доминацијата на Баерн е лоша за германскиот фудбал и предлага радикална промена.
Во колумна за порталот „Т-онлајн“, Ефенберг предлага на почетокот на сезоната Бундеслигата да биде поделена во две групи со по девет тимови. Во групите секој со секого би играл по два натпревари, а потоа четирите најдобри екипи од двете групи и петопласираната која има подобар резултат би формирале единствена лига.
И таа би се играла двокружно и тимовите би се бореле за титулата, додека преостанатите би играле во „лигата за опстанок“.
„Нема резон првенството секоја година да биде решено во февруари или во март. Новиот сстем би донел повеќе неизвесност и клубовите би имале шанси против Баерн. Постоечкиот ситем гледано долгорочно е лош за германскиот фудбал, бидејќи на клупски план не напредуваме“, пишува фудбалерот кој со Баерн три пати ја освоил Бундеслигата, а по еднаш Купот на Германија и Лигата на шампиони.