Top Sport

Цело е кога има сѐ – неверојатен микс во француската репрезентација

Франција в петок го игра четврт-финалето против Уругвај и несомнено го има еден од најталентираните состави на Мундијалот. Но, исто така и еден од најразновидните, ако се смета етничкото потекло, религијата и бојата на кожата на фудбалерите.

На фотографијата е стартниот состав од осминафиналето со Аргентина, и интересно, иако само еден од 11-те фудбалери не е роден во Франција, само еден од нив (Бенжамин Павар) е „чист“ етнички Французин.

Секако, сите стојат на „Марсељезата“ и го носат галскиот петел на градите, и иако и Англичаните, Белгијците, па и Швајцарците  можат да се пофалат со етничка, религиозна и расна разновидност, никаде тоа не е забележливо како кај „триколорите“.

Почнуваме по ред, од првиот фудбалер горе-лево…

СТОЈАТ

Пол Погба (Манчестер јунајтед) – роден во Лањи-сур-марн, во близината на Париз. Двајцата родители се по потекло од Гвинеја, а неговите постари браќа се родени во оваа земја во западна Африка.

Самуел Умтити (Барселона) – роден во Јаунде, Камерун – единствен од стартните 11 кој не е роден во Франција. Легендарниот Роџер Мила направил обид да ги убеди неговите родители, двајцата од Камерун да игра за оваа репрезентација, но не успеал во тоа.

Лукас Хернандез (Атлетико Мадрид) – роден во Марсеј, неговиот татко бил фудбалер Жан-Франсоа Хернандез, со шпанско потекло. Тој од четвртата година живее во Шпанија и зборува француски со шпански акцент.

Рафаел Варан (Реал Мадрид) – роден во Лил, неговиот татко Гастон е од Мартиник (остров на Карибите, од каде е и Тјери Анри), а неговата мајка Ани е Французинка од мало место на границата на Франција со Белгија.

Оливие Жиру (Челси) – роден во Шамбери, на Алпите и порасна во мало село Фроже во близината на Гренобл. Жиру има италијанско потекло преку двете свои баби.

Иго Љорис (Тотенхем) – роден во богато семејство во Ница – неговата мајкае адвокат, а неговиот татко е банкар од Монте Карло со каталонско потекло.

КЛЕЧАТ

Антоан Гризман (Атлетико Мадрид) – роден во Масон во централна Франција. Татко му Алан е со германско потекло кое емигрирало од Минстер (затоа презимето звучи германски). Неговата мајка Изабел, поранешна чистачка, е по Португалка – дедото на Гризман, Амаро Лопеш беше фудбалер  на Пакос де Фереира.

Блез Матуиди (Јувентус) – роден во Тулуз. Неговата мајка Елисе доаѓа од Конго, додека неговиот татко Фариа Ривелино доаѓа од Ангола.

Н’Голо Канте (Челси) – роден во Париз, неговите двајца родители се по потекло од Мали. Африканската земја двапати се обиде да го убеди да игра за нивната репрезентација – пред Африканскиот куп во 2015 и во 2016 година.

Бенжамин Павар (Штутгарт) – роден во Моберж во близината на француско-белгиската граница. Единствен за кој се смета дека има само француско етничко потекло.

Килијан Мбапе (Пари Сен-Жермен) – роден во Париз во „мешано“ семејство. Неговиот татко Вилфрид е од Камерун (и е негов агент и фудбалски тренер), додека мајка му Фајза Ламари е по потекло од Алжир и е поранешна ракометарка.

Разновидноста не застанува тука,туку се протега и на клупата – голманот Алфонс Ареола (двајцата родители се Филипинци), голманот Стив Манданда (роден е во Заир, како дете е преселен во Франција), Усман Дембеле (татко му е од Мали, мајка му има мавританско и сенегалско потекло), Набил Фекир (алжирско потекло), Преснел Кимпембе (татко му е од Конго, мајка му од Хаити), Томас Лемар (има потекло од Гваделупе), Бенжамин Менди (родителите му се од Сенегал), Стивен Н’Зонзи (татко му е од Конго, мајка му е Французинка), Адил Рами (роден на Корзика, родителите му се Мароканци), Џибрил Сидибе (родителите му се од Мали)…

И во составот од 23 фудбалери останува уште крилото на Олимпик Марсеј, Флоријан Тован, кој е етнички Французин од славниот Орлеан.

Останува уште селекторот, Дидие Клод Дешам, кој е Французин кој доаѓа од Бајон во францускиот дел на Баскија. Не е познато дали тој има баскиско потекло, но не би било чудно.

Scroll to Top