Top Sport

На Мекларен ќе им требаат години да се вратат на врвот

Иако пред стартот на сезоната најавуваа дека може да се борат за подиуми и победи оваа година, шефот на Мекларен, Зек Браун сега признава дека е можно да поминат години пред тоа да се случи.

Мекларен, тим кој доминираше на крајот на 1980-тите и на крајот на 1990-тите, сега нема победа од 2012, а последен подиум дојде во 2014 година. Оваа недела, Ерик Булие, тркачкиот директор на тимот си поднесе оставка, а во април си замина и техничкиот шеф Тим Гос.

Мекларен исто така оваа година ја прекинаа тригодишната соработка со Хонда, но и со моторите на Рено, слабите резултати продолжија, иако Ред бул со истиот мотор стигна до три победи во девет трки оваа година.

„Имавме проблеми и пред да дојде Ерик. Мислам дека ќе ни требаат години да се бориме за титулата. Не знам дали две или десет, или нешто измеѓу. Не сакам да предвидувам, но мораме да бидеме искрени самите со себе и со нашите фанови, да им кажеме уште сега дека ова ќе биде долг пат“, изјави Браун.

Нивниот возач, Фернандо Алонсо пак демантира дека тој ги „влече конците“ во тимот, откако неговиот поранешен тркачки инженер, Андреа Стела е нов директор на перформанси во Мекларен.

„Јас само возам болиди. Имаме одлични односи со Зек иако кратко се познаваме. Тој е тркач и ги сфаќа работите и е вистински човек за иднината на Мекларен“, вели Алонсо.

Фото: ЕПА

Scroll to Top