Поранешната ѕвезда на Баерн Минхен, Ливерпул и Реал Мадрид, Чаби Алонсо е ослободен од сите обвинувања за даночна измама од судот во Мадрид, откако обвинителите тврдеа дека тој затаил 2 милиони евра од 2010 до 2012 година, кога играше кај „кралевите“.
Обвинителите бараа условна казна од две и пол години затвор, но судот одлучи дека Алонсо е невин, како што тврдеше во текот на целата постапка.
38-годишниот Алонсо беше еден од низата поранешни фудбалери кои беа на мета на даночниците во Шпанија. Во јуни 2018, Кристијано Роналдо прифати условна казна од две години затвор и казна од 18.8 милиони евра, а една година претходно, обвинителите се согласија да ја заменат казната од 21 месец затвор за Лионел Меси со казна од 252.000 евра, додека неговиот татко беше казнет со 180.000 евра.
Алонсо, кој се повлече од фудбалот во 2017 година, во моментов е на чело на Реал Сосиедад Б, тимот кој настапува во Сегунда Б, враќајќи се во клубот каде што ја почна својата кариера.