Фудбалерите на Динамо Загреб се пласираа во групната фаза од Лигата на шампионите откако во реваншот од плејофот по продолженија на својот стадион го совладаа Бодо/Глимт со 4:1, со што го надоместија поразот од 0:1 од првиот натпревар одигран во Норвешка.
Тоа значи дека Динамо по осми пат во својата историја ќе учествува во Лигата на шампионите, натпреварување во кое последен пат се појави во сезоната 2019/2020. „Модрите“ никогаш не ја поминале групната фаза.
Тренерот на Динамо, Анте Чачиќ е горд на постигнатиот резултат. Тој по натпреварот кој го нарече херојски ги пофали своите играчи, а прес-конференцијата по пласманот во најсилното фудбалско натпреварување во Европа ја искористи да укаже на проблемот со стадионот.
„Тешка игра за играње, за водење. Имавме одлично прво полувреме, одличен противник, кој тоа го покажа во вториот дел. Многу страдавме во тој дел. Имавме проблеми и моравме да ги направиме промените што ги направивме. Херојска борба на нашите играчи, верувавме дека можеме да успееме и успеавме.
Постојано велев, не одложувавме натпревари, многу ротиравме и го наплативме тоа. Секој играч кој влезе од клупата даде се од себе, сите продонесоа тука повторно да ја гледаме Лигата на шампионите. Ќе страдаме, сигурно, но најмногу ќе се срамиме затоа што најеминентните тимови во Европа ќе дојдат овде на стадион кој навистина не доликува на лигата во која ќе се натпреваруваме“, истакна Чачиќ.