Чави Ернандез не го криеше разочарувањето од сопствените фудбалери по шокантниот 1:0 пораз од Алмерија, опишувајќи го како „најлош меч“ оваа сезона. Со шанса да се одвојат на 10 поени пред Реал Мадрид, Ел Билал Туре ги шокираше Каталонците и ја прекина нивната серија од 13 меча без пораз во Ла лига.
„Навистина сум лут. Ова беше најлошиот меч оваа сезона според мене, посебно во првото полувреме. Имавме шанса да го кажеме нашето во Ла лига и навистина нема изговор за ваква игра. Немавме интензитет, желба за победа и тоа ме загрижува. Се извинуваме на навивачите и знаеме дека ако ја сакаме титулата, мораме да ја смениме играта. Имаме среќа што имаме седум поени предност и нема да биде лесно да се дојде до титулата“, вели Чави.
Изненадувачкиот пораз ја комплетираше лошата недела за Барса, која беше елиминирана од Лига Европа од Манчестер јунајтед во четвртокот, а сега во четврток ги чека првиот меч против Реал Мадрид од полуфиналето на Копа дел реј на „Сантијаго Бернабеу“.
„Секако дека ќе се соземеме. Не е лесно да се освојуваат трофеи. Се бориме против актуелниот шампион и освојувач на Лигата на шампионите. Да, ние сме Барса, но мораме да играме со поголем интензитет и ритам“, додава Чави.