И покрај тоа што во домашното првенство делува добро и непобедливо, Барселона е на прагот на елиминација во Лигата на шампионите. Во групата пред Барселона се Баерн и Интер. Во наредното коло, доколку Интер слави против Викторија Плзен, ќе си обезбеди нокаут-фаза, а Барса ќе ја испрати во Лига Европа.
Барселона, минатото лето, потроши речиси 300 милиони евра, со цел повторно да стане фактор во Лигата на шампионите. Сепак, втора сезона по ред, Барселона, ќе мора да се задоволи со нокаут-фазата во Лига Европа.
Соочен со елиминацијата од елитата, клубот бара начин да заштеди, што значи дека некои играчи ќе мора да го напуштат клубот.
Шпанските медиуми пишуваат дека Џерар Пике не е задоволен од својот статус во тимот, но дека не е единствениот и дека Чави не е задоволен од она што го добива од поранешните соиграчи, Џорди Алба и Серхио Бускетс, кои се меѓу најплатените во тимот.
Овие тројца се на списокот на играчи кои би можеле да го напуштат клубот во зимскиот преоден рок. Покрај тројцата сенатори, не е исклучено „Ноу Камп“, да го напушти и Френки де Јонг.
Холанѓанецот цело лето се поврзуваше со други клубови, Барселона сакаше да го продаде, но не успеа да го убеди. Де Јонг остана да се бори за место во тимот, но и да си ги добие заостанатите плати. Медиумите шпекулираат дека Барселона му должи најмалку 20.000.000 евра.
Исто така, поради големата конкуренција во тимот, медиумите пишуваа за големото незадоволство кое владее кај Феран Торес и Ансу Фати. Чави, редовно на крилните позиции игра со Рафиња и Усман Дембеле.
Фати беше најавуван како наследникот на Меси, а Торес, пред неполна година пристигна за 50.000.000 евра од Манчестер сити.