Тренерот на Барселона, Чави ги критикуваше своите фудбалери по шокантниот пораз од Кадиз (0:1), на „Ноу Камп“. Во само четири дена Барселона дожиева два порази на домашен терен, во четвртокот Ајнтрахт победи 2:3 во Лига Европа, синоќа скалпот на Барса и го зеде Кадиз.
„Лут сум. Испуштивме златна шанса да се одлепиме од конкурентите во борбата за Лигата на шампионите и да останеме во трката за титулата. Сега можеме да се збогуваме со титулата“, рекол Чави и дополнил.
„Екипата требаше да покаже повеќе желба и ентузијазам, да биде свесна колку е важно да се победи на овој меч. Потребно е да имаме посилен натпреварувачки карактер. Тие секој посед го бранеа како да им е последен и ние мораме да се однесуваме на таков начин“.
Барселона, на шест кола до крајот на сезоната има 60 бода, колку што имаат Атлетико Мадрид и Севилја. Во четврток, Барселона ќе му гостува на Реал Сосиедад.