„Драги навивачи се враќам дома…Приказната продолжува“. Со овие зборови Чави го започна и го заврши своето обраќање кон навивачката армија на Барселона.
Чави, по шест години се врати на „Ноу Камп“. Шест години како играч, а потоа и како тренер мина во Катар, во Ал Сад.
Три дена траеја преговорите помеѓу клубовите. На крајот и Чави побара од Ал Сад да му дозволат да го напушти клубот.
Ал Сад за тренерот доби обесштетување од 1.000.000 евра. Чави и Барселона заеднички ја платиле клаузулата.
„Бескрајно сум им благодарен на челниците на Барселона. Дојдоа по мене во Доха. Имав откупна клаузула која заеднички ја плативме. Од срце им благодарам“, рекол Чави.
Потоа тој објаснил дека нема да има проблем што ќе тренира фудбалери кои му беа соиграчи во Барселона.
„Тоа што ќе ги тренирам поранешните соиграчи Пике, Роберто, Тер Штеген, Бускетс и Алба за мене е предност. Истото ми се случи и во Ал Сад. Овие петмина се лидерите на Барселона“.