Тренерот на Барселона, Чави Ернандез призна дека обидот да ја врати Барселона на врвот оди потешко од очекувањата, бидејќи дел од неговите фудбалери не го сфаќаат стилот на фудбал кој тој сака да го игра.
Барса победи во два од првите три меча под Чави, кој го замени Роналд Куман во ноември, но сега имаат три меча без победа, а со 3:0 поразот од Баерн Минхен испаднаа од Лигата на шампионите во Лига Европа првпат по 17 години, а во Ла лига се на осмото место по 2:2 ремито со Осасуна.
„Да, работите се покажуваат потешки од очекувањата, но нема да запреме. Мораме да бидеме позитивни и да покажеме дека тимот се подобрува и дека сме на вистински пат. Во дел од работите сме подобри, но резултатите не лажат. Сакам годината да ја завршиме со шест поени против Елче и Севилја“, вели Чави.
Тој признава дека дел од фудбалерите тешко се адаптираат на работата.
„Има недостаток на разбирање за фудбалот кој сакаме да го играме. Има фудбалери кои не ја сфаќаат играта на позиција, што е изненадувачки бидејќи се работи за фудбалери на Барселона. Продолжуваме позитивно и храбро. Мораме да притискаме кога ќе ја загубиме топката, да напаѓаме простор… Тоа го сакаме. Јасно му кажав на претседателот Жоан Лапорта што ни е потребно да го засилиме тимот. Тука сум месец дена, но јасно е дека некои работи мора да се менуваат. Мораме да се засилиме посебно во нападот“, објаснува тренерот.