Словенецот Александар Чеферин уште четири години ќе раководи со УЕФА и ќе ја продолжи борбата против создавање на Суперлигата. Во ова здружение останаа само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
„Во фудбалот нема место за картели. Играта не му припаѓа на никого конкретно, туку на сите подеднакво. Интересот на мнозинството треба да биде над оној на само три клуба“, изјави претседателот на УЕФА.
„Оние кои го промовираат проектот за Суперлига тврдат дека сакаат да го спасат фудбалот. Сепак, Суперлигата стана лик во бајката за Црвенкапа. Ова е волкот преправен во бабата. Кого го залажуваат? Никого. Тие се картел. За нив парите се поважни од трофеите“, додаде Чеферин.
Словенецот ги прокоментира и критиките упатени кон англиската Премиерлига, која кандидатите за Суперлигата ја посочуваат како првенство кое станало закана поради својата финансиска моќ.
„Да не заборавиме дека зависта никогаш не била добар советник. УЕФА и нејзините клупски турнири до пред неколку месеци беа посочувани како зло во фудбалот. Се чини дека Премиерлигата веќе е нападната. Откако британската влада, локалните навивачи и самите клубови кажаа „НЕ“ за Суперлигата, Премиерлигата се демонизира и на свој начин се карактеризира како Суперлига која мора да се уништи. Сепак, успехот на Премиерлигата не е случаен“, посочи првиот човек на европскиот фудбал.
„Наместо да се уништи овој модел на Премиерлигата, треба да се следи. Се заснова на спортски резултати и рамноправна распределба на средствата. Без разлика на нивната финансиска супериорност, клубовите од Англија во никој случај не доминираат на меѓународно ниво. Историјата не лаже. Во последните 20 години тимови од Англија ја освоија Лигата на шампионите само пет пати, а во последните 10 години тоа се случи двапати“, заклучи Чеферин.