Челси се подготвени за шокантно враќање на Ромелу Лукаку на „Стемфорд бриџ“ ова лето, доколку Борусија Дортмунд остане на превисоката цена за Ерлинг Халанд, тврди британски „Дејли телеграф“.
На тимот на Томас Тухел им недостасува напаѓач, откако Тимо Вернер постигна само пет гола во Премиер лигата по пристигнувањето минатото лето, додека Оливие Жиру има постигнато само четири гола. Халанд е главна мета на многу големи клубови, така што Дортмунд поставија превисока цена од 180 милиони евра, која дури ниту Роман Абрамович не е подготвен да ја искешира.
Затоа, фокусот се свртува кон Лукаку, фудбалер кој се приклучи на Челси како 18-годишник во 2011 година, но не успеа да се избори за место во првиот тим, по што Жозе Мурињо го продаде на Евертон во 2014. 27-годишниот Белгиец потоа заврши во Манчестер јунајтед во 2017, пред минатата година да замине во Интер, каде што стана клучен играч во тимот на Антонио Конте, постигнувајќи 25 гола оваа сезона.