Челси на Томас Тухел го доби совршеното засилување во Ромелу Лукаку, и најави борба за титулата во Премиер лигата, откако на гостувањето кај Арсенал стигнаа до 2:0 победа, „зачинета“ со првиот гол на Белгиецот во дресот на лондонскиот клуб.
Лукаку, кој го комплетираше трансферот од 115 милиони евра од Интер, претставуваше голема закана пред голот на Бернд Лено и го покажа тоа уште во 15. минута, кога по убава акција го постигна својот прв гол во дресот на Челси, бидејќи пред една деценија не доби вистинска шанса да се покаже.
Исходот на мечот беше решен во 35. минута од мечот, кога Рис Џејмс, кој му асистираше на Лукаку за првиот гол, со убав удар го совлада Лено за да ги зголеми фрустрациите во Арсенал, кои ја стартуваат сезоната со два порази во низа, а сега ги чека и гостување кај шампионот, Манчестер сити, каде што Микел Артета ќе се сретне со својот „учител“ Пеп Гвардиола.