Top Sport

Челси ги „искуба канаринците“ – ги испрати со 7 парчиња во мрежата

Доминантна игра и супериорна победа имаа попладнево избранците на Томас Тохел во Лондон против тимот на Норич. Челси со убедливи 7-0 ги декласираше „канаринците“ кои од 65. минута играа и со човек помалку поради црвениот картон на Бенџамин Гибсон.

Мрежата на ветеранот Крул се затресе уште во 8. минута. На додавање на Жоржињо, Маунт погоди за 1-0.

Само 10 минути подоцна, а семафорот стоеше 2-0, стрелец на новиот погодок на сините беше Хадсон-Одои.

Веќе во 42 минута се чини победата беше обезбедена. Рис Џејмс по асистенцијата на Маунт носи предност за својот тим од 3-0.

Во вториот дел фудбалерите на Челси продолжија онаму каде што застанаа по првите 45 минути. Чилвел во 57 минута по асистенцијата на Матео Ковачиќ носи предност од 4-0 за својот тим, а 5 минути подоцна водството е зголемено благодарение на автоголот на Аронс.

Шестиот гол во мрежата на Крул го постигна повторно Маунт, овојпат од белата точка, додека последниот удар на гостите им го зададе истиот играч за хет-трик на мечот, во 91 минута.

Со новата победа Челси сега е на плус +4 пред Ливерпул на врвот на табелата во Премиерлигата, додека Норич е „фенерџија“, со само 2 бода по 9 кола и гол разлика 2:23.

Scroll to Top