Челси ќе се обидат да го задржат Жоао Феликс на „Стемфорд Бриџ“ и следната сезона со постојан трансфер, иако Атлетико Мадрид бара минимум 100 милиони евра за неговиот трансфер, и едно можно решение е да ги пратат Марк Кукурелја и Пјер-Емерик Обамејанг во шпанската престолнина.
23-годишниот Феликс има три гола во 13 настапи оваа сезона за Челси, како една од ретките светли точки во катастрофалната серија на „сините“, но е пристигнат во Лондон како позајмен играч. Според „Ивнинг стандард“, Обамејанг и Кукурелја, двајца фудбалери кои стигнаа во Челси минатото лето би можеле да ги заинтересираат Атлетико.
„Рохибланкос“ платија фантастични 126 милиони евра да го донесат Португалецот од Бенфика во 2019 година и по солидната прва сезона под Диего Симеоне, тој влезе во конфликт со аргентинскиот тренер и не сака да се врати под негово водство и следната сезона.