Челси, очигледно, не може да го држи темпото со Манчестер сити и Ливерпул, откако четврт меч едноподруго во Премиерлигата не успева да стигне до победа, одигрувајќи 1:1 на гости кај Брајтон, помалку од 20 дена откако истиот противник извлече 1:1 на „Стемфорд Бриџ“.
Хаким Зијеш ги донесе во водство „сините“ на Томас Тухел, кој вчера ја доби наградата за најдобар тренер изминатата сезона од страна на ФИФА, во 28. минута од мечот, но по неколку пропуштени шанси стигна казната, кога Адам Вебстер во 60. минута ги израдува фановите на „Ејмекс“.
Челси останува трет со 44 поени, еден зад Ливерпул (кои имаат два натпревари помалку) и дури 12 зад Манчестер сити (со еден натпревар помалку). Брајтон на Греем Потер се деветти со 29 поени.