Top Sport

Челси потопен на „Олимпико“, Јунајтед и ПСЖ максимални

Челси и Антонио Конте не си поминаа најдобро на гостувањето во Рим, откако Рома ги „уништи“ со 3:0 за да го преземе првото место во групата Ц и да биде на чекор до пласман во осминафиналето.

Херој на мечот беше Стефан Ел Шарави, кој само што започна мечот го шокираше Тибо Куртоа, за во 30-тата минута да ја воодушеви публиката на преполниот „Олимпико“ со уште еден гол. Диего Пероти во 63. минута само стави сол на раната, за Челси да го загуби првото место во групата.

Единствена „утеха“ за „Сините“ треба да биде тоа што Атлетико Мадрид си ги загрози шансите за пласман во осминафиналето со 1:1 реми на „Ванда Метрополитано“ против азербејџанскиот Карабах, кој водеше во Мадрид со одличниот гол на Мичел.

Манчестер јунајтед ја искористи неискусноста на младиот голман на Бенфика, Миле Свилар да стигне до неубедлива 2:0 победа на „Олд Трафорд“. Свилар, најмладиот голман кој играл во ЛШ, прво го одбрани пеналот на Марсијал во 15. минута, но потоа прими смешен гол по ударот на Немања Матиќ во последните минути од полувремето, кога топката од стативата се удри во него и влезе во голот.

Мечот беше запечатен во 78. минута, кога повторно од пенал, овојпат Дејли Блинд не згреши за Јунајтед да обезбеди пласман во следната фаза. ЦСКА Москва направи пресврт и победи со 2:1 на гостувањето кај Базел за да се израмни со Швајцарците на второто место на табелата.

Пари Сен-Жермен го „здроби“ Андерлехт со 5:0 благодарение на хет-трикот на Лајвин Курзава во второто полувреме, откако претходно Верати и Нејмар стрелаа во првото полувреме. ПСЖ има четири победи во четири меча во ЛШ оваа сезона со гол разлика од неверојатни 17:0. Баерн победи во Шкотска кај Селтик со 2:1 за да остане на второто место со 9 поени, за да продолжи „ренесансата“ под Јуп Хајнкес.

 

ГРУПА А

Базел  – ЦСКА Москва 1:2

Манчестер јунајтед – Бенфика 2:0

Табела: 1.Манчестер ј. 12, 2.Базел 6, 3.ЦСКА Москва 6, 4.Бенфика 0

ГРУПА Б

Селтик – Баерн Минхен 1:2

Пари Сен-Жермен – Андерлехт 5:0

Табела: 1.ПСЖ 12, 2.Баерн М. 9, 3.Селтик 3, 4.Андерлехт 0

ГРУПА Ц

Атлетико Мадрид – Карабах 1:1

Рома – Челси 3:0

Табела: 1.Рома 8, 2.Челси 7, 3.Атлетико М. 3, 4.Карабах 2

ГРУПА Д

Олимпијакос – Барселона 0:0

Спортинг – Јувентус 1:1

Табела: 1.Барселона 10, 2.Јувентус 7, 3.Спортинг 4, 4.Олимпијакос 1

Scroll to Top