Челси се заинтересирани во текот на летниот преоден рок да го донесат Бразилецот Филипе Кутињо од Барселона, но се одвратени од сумата од 90 милиони евра која ја бара каталонскиот клуб, тврди каталонскиот весник „Спорт“.
Челси би сакале да го донесат поранешниот плејмејкер на Ливерпул првично на позајмица, како што е договорен во моментов со Баерн Минхен. Барселона би сакале што е можно побргу да ја решат ситуацијата на Кутињо и преферираат да добијат кеш за фудбалерот кој ветуваше многу кога пристигна на „Ноу Камп“.
Според „Спорт“, во Барселона сфаќаат дека со ситуацијата со корона вирусот, клубовите ќе бидат внимателни со купувањата, посебно бидејќи не се знае кога ќе се продолжи сезоната и дали ќе играат европски фудбал следната сезона.
Баерн веќе потврдија дека нема да ја искористат опцијата да го купат Кутињо за 110 милиони евра по релативно слабата сезона, но тој има многу почитувачи во англиската Премиер лига, како Тотенхем , кои исто така се подготвени за позајмица.