Top Sport

Чесите ја добија соседската пресметка со Словачка (видео)

Чешка стигна до првата победа во Лигата на нации на УЕФА, откако на гостувањето кај соседната Словачка во Трнава успеа да извлече 2:1 победа.

Михал Крменчик ги донесе гостите во водство во 52. минута од мечот по одличната топка која ја доби од новиот капитен, Борек Дочкал, но домаќините бргу се вратија преку Хамшик во 62. минута, откако чешката одбрана несфатливо го остави сам пред голот по еден корнер. За Хамшик ова беше 108. настап за словачката репрезентација со што стана рекордер.

Сепак, трите поени за Чесите ги обезбеди напаѓачот на Рома, Патрик Шик кога постигна прекрасен гол со глава во 76. минута по уште една убава асистенција на Дочкал.

Украина под водство на селекторот Андриј Шевченко останува прва во групата 1 со шест поени, Чесите имаат три, додека Словачка е без поени.

Scroll to Top