Долгоочекуваната пресметка на Жозе Мурињо и неговиот „ученик“ Френк Лампард помина во знакот на помладиот. Челси успеа да слави со 2:0 на гостувањето кај Тотенхем, за тимот на Лампард уште еднаш да покаже дека е најпријатното изненадување оваа сезона, и во исто време да му го нанесе на Мурињо првиот пораз во меѓусебните дуели во меч кој беше одбележан со два „кунг-фу“ удари на фудбалерите на домашниот тим.
„Сините“ работата ја завршија во првото полувреме, инспирирани од фантастичниот Вилијан. Тој прво во 12. минута постигна зачудувачки гол за водство на тимот на Лампард, за потоа во финишот на првото полувреме да биде прецизен со удар од белата точка по лудата интервенција на голманот Пауло Газанига.
Второто полувреме помина без голови, но за одбележување беше црвениот картон кој го доби Сон Хеунг-Мин по уште еден бизарен потег, кога со нозе во вис го удри Ридигер.
Челси останува на четвртото место со 32 поени, сега шест зад Манчестер сити, додека Тотенхем се седми со 27 поени.