Душан Тадиќ, синоќа беше командантот на парадата во Мадрид. Српскиот репрезентативец го одигра најдобриот меч во кариерата, со две асистенции и гол, го предводеше Ајакс до сензационалниот триумф над Реал 4:1.
Партијата на Тадиќ е тема на сите светски медиуми, а големо признание доби од угледниот „Лекип“. Тој за својата изведба доби чиста десетка.
„Беше брилијантен и на првиот натпревар. Во реваншот српскиот напаѓач одигра совршен натпревар. Натпревар што ти ја обележува кариерата. Два пати го имаше решавачкото додавање, го постигна третиот гол со извонреден удар со лева од 16 метри“, пишува репортерот на „Лекип“.
Во последните 30 години Тадиќ е деветтиот фудбалер кој од „Лекип“ добил десетка за својата изведба на теренот.
Со десетка во минатото биле оценети Бруно Мартини и Франк Созе во 1988 година како членови на младата репрезентација на Франција, Олег Саланко кој во 1994 година на СП постигна пет гола против Камерун, потоа голманот на Архус Ларс Виндфилд во 1997, Роберт Левандовски за четирите гола постигнати против Реал во 2013 година, Бразилецот Карлос Едуаро и Нејмар кој како играч на ПСЖ, во победата над Дижон 8:0 забележал четири гола и две асистенции.
Само Лионел Меси два пати бил оценет со десетка, во 2010 година на натпреварот со Арсенал и во 2012 година кога на Баер Леверкузен му даде пет гола.