Во историјата на хрватскиот спорт засекогаш ќе биде запишана 2018 година. На СП во Русија националниот тим го освои второто место. Овој Мундијал Хрватите ќе го паметат и по инцидентот што го предизвика напаѓачот Никола Калиниќ, тој одби да влезе во игра на мечот со Нигерија, а веднаш потоа селекторот Златко Далиќ го избрка од репрезентацијата.
Во Хрватска се прикажува документарниот филм „Јунаците на нашето време“, во кој фудбалерите зборуваат за тој потег на Калиниќ.
Најискусниот во таа репрезентација Ведран Чорлука рекол дека му е жал што Калиниќ реагирал на тој начин.
„Кале е феноменален лик, секогаш ќе биде наш пријател. Му се насобрааа многу работи низ годините. Десет години влегуваше од клупата по десет минути. Тој знае дека згреши и ние бевме свесни дека направи грешка. Ескалираше во најлош момент за него и за нас. Можам да го разберам. Заслужи да биде дел од приказната поради придонесот за репрезентацијата и неговите голови.Головите што ги постигна против Грција ни овозможија да стигнеме до Русија. Жалам што не го решивме проблемот иако постоеше можност тој да биде решен“, рекол Чорлука.