Мауро Боргети е поранешен одговорен за младинскиот клуб на италијанскиот нисколигаш Новара и човекот кој заедно со тренерот Хавиер Рибалта го „пронајде“ Бруно Фернандеш од Боависта и потпиша за него за 40.000 евра во 2012 година.
Во интервју со „Фудбал Италија“, тој открива како течеле преговорите и дека сумата била превисока за нив.
„Го гледавме во У-19 тимот на Боависта и беше на вистинска возраст, иако цената беше малку превисока за нас, околу 40.000 евра. Тоа можеби е ништо за неговата вредност сега, но тогаш тој беше анонимен играч и тие пари беа сериозна инвестиција за клуб како Новара. Ја презедовме одговорноста“, вели Боргети.
Фернандеш си замина од Новара веќе следното лето во Удинезе за 5 милиони евра, и останува најскапата продажба на играч од малиот италијански клуб. Но, Боргети вели дека и покрај тоа што во јануари, Манчестер јунајтед платија 55 милиони евра (сума која може да се искачи до 80 милиони), карактеристиките на фудбалерот се исти.
„Тој беше фудбалер кој покажа техничка подготвеност и визија на играта. Покрај тоа, има и фантастичен карактер кој го одделува од другите. Колку што знам, ние бевме единствениот тим кој тогаш сакаше да потпише со него и тој веднаш ја прифати понудата. Работеше напорно, веднаш научи италијански јазик. Славата не го смени“, додава Боргети.