Камерунскиот напаѓач на Стоук сити, Максим Чупо-Мотинг вели дека секој треба да има свој стил, но додава дека фудбалот не е најважната работа во неговиот живот.
„Јас сум заинтересиран за уметност. Не сум уметник, но понекогаш цртам. Најмногу ме интересира уличната уметност, како Бенкси на пример. Некои луѓе сакаат постојано да гледаат фудбал – прва лига, втора лига, трета лига… Но, јас не сум толку по фудбалот. Се фокусирам на други работи. Тоа ми ја чисти главата“, открива Чупо-Мотинг.
Камерунскиот напаѓач е единствениот фудбалер кој успеал да го совлада голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа, и тоа двапати минатиот месец.
Чупо-Мотинг е израснат во Хамбург, Германија, и квартот Санкт Паули е вистинска „мека“ за уметниците. Локалниот клуб Санкт Паули е познат по неговите навивачи, кои се ултра-левичари, и клубот е збратимен со Стоук.
Камерунецот дојде во Англија од тимот на Шалке и вели дека неговиот четиригодишен син Лајам почнува со училиштето, но се мачи со петте јазици кои ги зборува неговиот татко (германски, шпански, француски и италијански покрај англискиот).
„Ова беше последна шанса за голем трансфер. Имам 28 години, а кога ќе имаш 30, веќе си стар“, додава фудбалерот.