Top Sport

„Црвените“ не се предаваат – победа во Саутемптон, шампионот ќе се знае во последното коло

Ливерпул на Јирген Клоп во последните години изградија имиџ на тим кој никогаш не се предава, што уште еднаш го покажаа вечерва на гостувањето на „Сент Мерис“, каде што стигнаа до тешка 2:1 победа над Саутемптон, за да осигураат шампионот на Англија да биде неизвесен до последното, 38. коло.

Манчестер сити останува фаворит да го крене трофејот, бидејќи во последното коло ја пречекува Астон вила (со поранешниот капитен на Ливерпул, Стивен Џерард на клупата), додека Ливерпул игра дома со Вулверхемптон – Сити има еден поен предност пред „црвените“.

Почетокот на југот на Англија не ветуваше многу за Ливерпул – Нејтан Редмонд постигна фантастичен гол во 13. минута за водство на Саутемптон, меѓутоа, Такуми Минамино (кој лани беше позајмен фудбалер токму во Саутемптон), одговори со убав гол по асистенција на Диого Жота во 27. минута. Ливерпул имаше доминација на топката, со над 70 отсто посед, но домаќините беа сигурни во одбраната до 67. минута, кога по еден корнер, Жоел Матип ја смести топката во мрежата за големи три поени.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top