Top Sport

Да се знае кој е крал на Европа – Бензема со хет-трик ги исфрли ПСЖ и Мбапе

Ако во првиот меч на „Паркот на принцовите“, а и пред реваншот во Мадрид сите зборуваа за Килијан Мбапе, француската мега-ѕвезда кој наводно е пред трансфер во Реал, по 90 минути на „Сантијаго Бернабеу“ уште еднаш се докажа дека Реал Мадрид се „кралеви на Европа“ и владетели во елитното европско натпреварување.

Несомнено, средата беше одбележана од сонародникот на Мбапе, Карим Бензема кој имаше хет-трик и ги инспирираше „бланкос“ до магичен пресврт по слабото прво полувреме за 3:1 победа и елиминирање на предноста од 0:1 од првиот меч.

А работите не изгледаа најдобро за тимот на Карло Анчелоти. ПСЖ имаше повеќе од играта во првото полувреме, доминирајќи пред голот на Тибо Куртоа, со Мбапе во главна улога – тој прво имаше еден поништен гол, за во 39. минута да постигне прекрасен гол за водство на францускиот шампион.

Меѓутоа, второто полувреме покажа дека најскапиот тим на светот ќе мора да почека до европска слава, предавајќи му ја улогата на фаворит во натпреварувањето на најтрофејниот европски клуб. Прво, Карим Бензема успеа да го искористи подарокот на Џанлуиџи Донарума во 61. минута да израмни и да даде надеж дека може да се случи „ремонтада“, за потоа во 76. и 78. минута да го комплетира хет-трикот за шок на гостите.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 2.МЕЧ

Реал Мадрид – Пари Сен-Жермен 3:1, прв меч 0:1, вкупно 3:2

Манчестер сити – Спортинг Лисабон 0:0, прв меч 5:0, вкупно 5:0

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top