Поранешниот англиски репрезентативец, Киерон Даер во емотивно интервју открива дека бил сексуално злоупотребуван како дете од чичкото на неговата мајка, Кени, откривајќи страшна тајна стара 28 години.
39-годишниот поранешен фудбалер на Њукасл јунајтед вели дека имал 11 или 12 години кога неговиот свет целосно се сменил. Неговата мајка работела трета смена во локална пекара, период кој предаторот го искористил.
„Кога бев дете обожавав фармерки и честопати заспивав на мајка ми додека ги носеше. Тој ден заспав на Кени додека гледав телевизија. Кога ги отворив очите се замрзнав – неговата рака беше во моите панталони. Знаев дека тоа е погрешно, но бев замрзнат. Не можев да зборувам, не можев да се движам“, открива Даер, кој во понеделник ја објавува својат автобиографија.
Даер стана еден од најплатените фудбалери во Англија во својата генерација, играјќи за репрезентацијата на СП во 2002 и на Евро 2004. Но, постоеја и лоши моменти – неславната тепачка со својот колега од Њукасл, Ли Боер, излетувањето со неговото Ферари во реката Тајн, како и снимката на која е со Френк Лампард и Рио Фердинанд во која имаат секс со девојки.
Даер ја чувал тајната до 2011 година, кога бил колега во Квинс Парк Ренџерс со Џои Бартон, кој му напомнал дека Питер Кеј, основачот на клиниката „Спортинг ченс“, која помага на спортистите со проблеми со алкохолот, дрогите и хазардерството ќе го посети тимот. Даер присуствувал на една сесија со сомнеж.
„Да не се отворев на Питер Кеј ќе останев осамен цел живот. Ќе ги туркав сите од мене и најблиските ќе ме напуштеа. Не сакав да бидам ранлив. Ќе ги загубев децата и ќе останев тажен старец“, вели Даер.