„Сагата“ околу францускиот фудбалер Адриен Рабио продолжува, откако од Франција доаѓаат неверојатни вести дека Пари Сен-Жермен му понудиле нов договор, со што го „премислиле“ од неговата желба да потпише за Јувентус.
Се веруваше дека работата е завршена и дека „бјанконерите“ му даваат на Рабио петгодишен договор по 7 милиони евра по сезона со бонус од 10 милиони евра за неговиот агент, всушност неговата мајка Вероник, која минатата година изјави дека нејзиниот син е „заробеник“ на францускиот шампион.
Од Франција пак, тврдат дека новиот спортски директор на ПСЖ, Леонардо му понудил нов договор, иако тој минатата сезона имаше минимално време на теренот поради конфликтот со клубот и одбивањето да потпише продолжување на договорот. Се верува дека ПСЖ му даваат 8 милиони евра по сезона и 5 милиони евра бонус за потписот.
„Скај спортс Италија“ пак, ја потврдува неизвесноста околу Рабио, откако директорите на Јуве сакале да ја држат веста „под мраз“ додека тој конечно не стави потпис на договорот.