Top Sport

Дали на Заниоло му треба „едукација“? Необична контроверза со ѕвездата на Рома

Италијанската фудбалска јавност е преокупирана со необична контроверза, откако селекторката на италијанската женска репрезентација, Милена Бертолини посочи дека ѕвездата на Рома, Николо Заниоло треба да биде „едуциран“ по неговиот црвен картон при 0:0 ремито со Џенова.

Изјавата на 55-годишната Бертолини предизвика необична реакција од Рома, која побара објаснување од Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), но и од мајката на Заниоло. Бертолини беше приморана да се извини.

„Се извинувам за негативните последици кои се појавија по мојот коментар за Заниоло. Тоа е извадено од контекст и треба да се прочитаат сите работи кои ги кажав, кои се комплексни. Се обидов да објаснам дека фрустрацијата на Заниоло за поништениот гол заслужува повеќе внимание и разбирање, што Жозе Мурињо го покажа кога го гушна. Сакав да посочам дека не треба да се казнува, туку треба да се разбере специфичната ситуација. Како сите млади фудбалери, верувам дека Заниоло треба да добие помош во емоционалниот аспект на фудбалот и фрустрациите и неправдите“, изјави Бертолини.

22-годишниот Заниоло сметаше дека го постигнал победничкиот гол во последните минути од мечот со Џенова во саботата, пред тој да му биде поништен од ВАР поради фаулот на Теми Абрахам во почетокот на акцијата. Тој реагираше луто и доби директен црвен картон.

Мурињо: Рома е „мала“ во очите на моќните

Scroll to Top