Top Sport

Дали Саутгејт ќе најде решение за англиската пенал „клетва“?

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт размислува да го примора неговиот тим да учествува во „лажна“ пенал-серија пред публиката на Вембли во обид да се надминат традиционалните проблеми со пеналите на Англичаните.

Англија има доживеано елиминација од шест големи натпреварувања (три СП и три ЕП) од Италија 1990 на пенали и само еден успех и тоа против Шпанија на Евро 1996. Нивниот просек од 14 отсто е најлош од било која фудбалска сила која учествувала во повеќе од пет пенал-серии.

„Тоа е нешто за што размислуваме – како да се подготвиме подобро за пеналите. Дали ќе се работи за нешто на тренинзи, дали пред некој меч, сè е во опција“, вели Саутгејт, кој потврди дека пенал-серијата нема да се случи пред утрешниот меч со Бразил, но пред СП Англија има уште два теста против Италија и Холандија.

Околу пенал-пехот на Англичаните на долго и широко се дебатира во Англија, каде што дури имаше и академски студии кои се обидоа да го најдат прашањето зошто пеналите едноставно „не им одат“. Некои теории велат дека се работи за брзината со која Англичаните ги изведуваат пеналите (0.28 секунди), а повеќето велат дека по декадите неуспех, притисокот е најголем.

Поранешниот селектор, Свен-Горан Ериксон се обиде да направи сличен тренинг пред Светското првенство во 2006 година, но на крајот се откажа од планот. На тоа првенство, Френк Лампард, Стивен Џерард и Џејми Карагер утнаа пенали при поразот од Португалија.

Самиот Саутгејт неславно го утна пеналот против Германија на Евро 96, по што се појави во реклама за пици со Крис Водл и Стјуарт Пирс, двајцата фудбалери кои утнаа во пенал-серијата против Германија во полуфиналето на СП во 1990 година.

Scroll to Top