Словачкиот фудбалски клуб Спартак Трнава официјално ги отфрли обвинувањата дека ја „купиле“ првата титула по 45 години оваа сезона, откако словачките власти веќе пет месеци водат истрага за „матните“ работи.
Според веб-сајтот „Топки.ск“, словачките власти уште во декември пронашле докази за поткуп и местење мечеви, цитирајќи полициски извори, по што клубот се врати со соопштение.
„Никој во Спартак Трнава не е одговорен за никакво местење на резултати или поткуп. Клубот ги отфрла ваквите обвинувања“, се вели во соопштението.
Словачката фудбалска федерација (СФЗ) додека трае истрагата не сака да го коментира случајот.
Според „Топки.ск“, од клубот му понудиле на еден ривалски фудбалер 5.000 евра да обезбеди победа на клубот. Фудбалерот го одбил ова и го пријавил случајот до федерацијата и полицијата.
Ова е не е прв случај на „местенки“ во Словачка. Во 2013 година чешката и словачката полиција обвини 19 луѓе за местење мечеви во двете земји, но и за нелегално обложување.